Новиот автопат што треба да се изгради и близината на железничката пруга е доволен мотив за привлекување инвеститори, кои ќе вложат во изградба на фабрики во новата технолошка индустриско-развојна зона во Штип, чијшто камен-темелник беше поставен во саботата во близина на приградската населба Три чешми. Во своето обраќање на свеченоста премиерот Никола Груевски истакна дека штипската ќе биде една од најголемите технолошки индустриско-развојни зони, бидејќи на локацијата во зоната во Штип е планирано да се обезбедат услови за изградба на приближно 50 фабрики, кои би можеле да отворат и над 10.000 нови работни места. Ова е почетокот на првата фаза од реализација на инфраструктурата во зоната која опфаќа изградба на главната сообраќајница во должина од 2,2 километри, изведба на водоводна, атмосферска и фекална мрежа. Овие активности планираме да се завршат во рок од една година и за нив ќе бидат инвестирани над 7 милиони евра.
Новиот автопат што треба да се изгради и близината на железничката пруга е доволен мотив за привлекување инвеститори, кои ќе вложат во изградба на фабрики во новата технолошка индустриско-развојна зона во Штип, чијшто камен-темелник беше поставен во саботата во близина на приградската населба Три чешми.
Во своето обраќање на свеченоста премиерот Никола Груевски истакна дека штипската ќе биде една од најголемите технолошки индустриско-развојни зони, бидејќи на локацијата во зоната во Штип е планирано да се обезбедат услови за изградба на приближно 50 фабрики, кои би можеле да отворат и над 10.000 нови работни места.
- Ова е почетокот на првата фаза од реализација на инфраструктурата во зоната која опфаќа изградба на главната сообраќајница во должина од 2,2 километри, изведба на водоводна, атмосферска и фекална мрежа. Овие активности планираме да се завршат во рок од една година и за нив ќе бидат инвестирани над 7 милиони евра - рече Груевски.
Во втората фаза ќе биде изградена електроенергетската гасоводна и телекомуникацска инфраструктура за што ќе бидат инвестирани дополнителни средства.
- Со изградбата и адекватното инфраструктурно опремување оваа зона верувам дека ќе привлече голем број на заинтересирани инвеститори. Можностите за остварување на овие планови се доста реални, особено ако се има предвид фактот дека зоната се наоѓа на одлична местопложба и во регион во кој има развиено голем број на индустриски и земјоделски гранки, традиционално поврзани и карактеристични за овој регион - потенцира Груевски.
Премиерот истакна дека економските политики на Владата поставени пред кризата и спроведените антикризни мерки во 2009 година помогнале стопанството да ја помине кризата со најмали можни последици, а таквите резултати даваат силен кредибилитет и поттик за привлекување на нови инвестиции во земјава.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Марјан Јованов, вели дека во Македонија ќе се изградат 11 зони, или нови 11 градови, со што ќе се овозможи развојот на регионите во земјава.
- Изградбата на зоната Скопје еден е при крај. Започнуваме со уредувањето на зоната во Штип и се очекува во наредниов период да се отпочне и со изградба на слободни економски зони Скопје 2 и Тетово, а до крајот на годината и во Кичево и Радовиш - рече Јованов. Тој додаде дека во тек е озбезбедување на планираната документација и за зоните во Струга и Крива Паланка.